29/08/2026
БулМак и Минстрој холдинг свечено го одбележаа Денот на рударите и десетгодишниот јубилеј.
Со свечена манифестација одржана на Градскиот стадион во Крива Паланка, компаниите БулМак и Минстрој холдинг го одбележаа 28 Август – Денот на рударите, кој оваа година се совпаѓа со значаен јубилеј: десет години од повторното отворање и успешното обновување на производството во рудниците „Тораница“ и „Злетово“.
На настанот присуствуваа сопственикот Николај Валканов, раководството предводено од Георги Валканов и директорот Владимир Темелковски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, раководителот на рудникот „Тораница“, Денис Ѓоргиевски, како и бројни вработени, претставници на институциите, деловни партнери и соработници.
Свеченоста беше посветена на рударите и сите вработени кои со своето знаење, искуство, храброст и одговорност го овозможуваат непреченото функционирање на производствениот процес во јамите, флотациите, геологијата, одржувањето, лабораториите, транспортот и администрацијата.
Во рамките на официјалната програма, во знак на благодарност за лојалноста и долгогодишниот придонес, на 164 вработени им беа доделени јубилејни статуетки и награди. Признанија беа доделени и за најистакнатите рудари кои со својата професионалност и дисциплина претставуваат пример за своите колеги.
Во изминатите десет години, од рестартирањето на рудниците па наваму, БулМак обезбедува стабилна егзистенција за околу 700 лица. Реализирани се инвестиции во вредност од 45 милиони евра во современа механизација и опрема, како и дополнителни 15 милиони евра во заштита на животната средина и одржливо управување со ресурсите. Во истиот период, во рудникот „Тораница“ се произведени и преработени над 2,6 милиони тони руда, со добиени над 144.000 тони оловен и цинков концентрат.
Компанијата остварува и значаен придонес кон локалните заедници, плаќајќи околу 1,5 милиони евра годишно во форма на концесиски надоместоци кон државата и општините Крива Паланка и Пробиштип, истовремено давајќи активна поддршка на проекти од областа на културата, спортот, образованието и инфраструктурата.
Настанот беше заокружен со културна програма, дружење и споделување на празничната атмосфера, а од страна на раководството на сите рудари им беа упатени желби за добро здравје, безбедна работа и спокојно враќање дома по секоја смена.
Честит Ден на рударите! Среќно!