26/03/2019
Во рамките на информаривно-едукативната кампања во проектот ,,Локално партнерство за одржливо управување со органскиот отпад во Ресен,, се прават теренски посети. Преку посетите се добива попрецизна слика за сегашниот начин на управување со органскиот отпад во Преспа и се дискутира со сите засегнати страни за можности за унапредување преку градење на партнерства.
На ниво на општина или регион компостирањето може да биде централизирано – заеднички за цела општина или регион во градска или регионална компостара и децентрализирано во дворови, градини, фарми, простори на бизнис сектор, изведувано само од прептријатија, поединци или здружени поединци во месна заедница, село, улица, граѓанска организација. При централизираното компостирање органскиот отпад се одделува на изворот на настанување од страна на жителите и правните лица, од домовите, градините, фармите, деловните простории, фабричките хали и магацини. Од таму се носи на собирни пунктови или директно на компостара. Таму со машини и посебни технологии се преработува во компост кој може да биде во зрнеста/прашковидна состојба, во вид на пелети или во течна состојба и се нарекува ,,компостен чај,,.
Кај децентрализираното компостирање органскиот отпад се одделува од домот, градината или фармата и на лице место се компостира на отворен простор, во затворени или оградени простори – компостери. Готовиот компост воглавно се употребува на самото место на добивање за сопствени потреби или може да се употребува на друго место. Самосталното децентрализирано компостирање има повеќе предности: заштедува пари, се избегнува превоз на органски суровини и компост, не е потребна скапа механизација, лесно се контролира процесот бидејќи се врши на мала количина, ако добро се управува нема мирис, компостот се употребува и тестира на лице место каде на сопствената почва и се враќаат потребните хранливи состојки. Според видот на технолошките процеси на добивање компостирањето може да биде:
- аеробно – со користење на воздух во отворени редови надвор, во компостер или во затворен простор;
-анаеробно без присуство на воздух во затворен простор и пасивно компостирање на отворено каде само се одложуваат материјалите без да се превртуваат поради што ова трае подолго.
Органските суровини потребни за компостирање се обезбедуваат од:
- Општински цврст отпад од домовите–делот кој е биоразградлив
- Остатоци од комунални отпадни води - тиња од пречистителни станици
- Шталско ѓубриво
- Земјоделски култури и отпадоци од храна
- Индустриски органски отпад
- Остатоци гранки од режење, преработка на дрво, шумарство
- Разни други видови органски отпад