22/05/2026
Петочна приказна за нашето наследство
ЛЕКОТ ПРОТИВ ЗАБОРАВ: Како Рајна ја донесе Европа на Широк Сокак и како да ја преточиме нејзината приказна во одржлив бренд
Замислете ја сликата. Годината е 1906. Лозана, Швајцарија. Мириса на чиста лабораторија, на алпски воздух и на прецизност. Покрај епруветите стои една млада битолчанка со крената глава и со диплома во рацете. Се вика Рајна Алексова. Во тој момент, таа не е само дипломиран фармацевт, таа е првата жена со таква титула на целиот Балкан. Светот е нејзин.
А сега, пресврт на кадарот.
Истата таа година, Рајна се симнува од пајтон на Широк Сокак. Во куферот ја носи европската иднина, Швајцарија во мало, науката што треба да лекува. Но, наместо црвен тепих, налетала на ѕид. Стариот отомански поредок, чаршиските суети и бирократијата со прекрстени раце ѝ рекле „Жена? Фармацевт? Па уште и аптека да води? Нема таков закон кај султанот!“
Е тука почнува приказната. Овде се раѓа македонскиот пркос, ама оној со швајцарски манири.
Рајна не ги свиткала колената. Не си заминала назад во Европа за да ѝ биде полесно. Избрала да остане и да се бори. Работела како медицинска сестра, преговарала, чекала, терала инает против сите пашалаци и правила, сè додека нејзиното име конечно не застанало со златни букви над сопствената аптека во Битола.
Таа аптека не била само место за лекови. Тоа било место каде што се мешале локалните билки со европската прецизност. Рајна со својот костим, со својот став и знаење била жива институција. Ги преживеала сите бури, три империи, две светски војни, три-четири смени на системи. И секогаш останувала карпа. Си заминала од овој свет тивко и трагично во 1959 година, оставајќи ни аманет кој успеавме... да го заборавиме.
Во овој контекст, вреди да се спомене романот „Сагата за Рајна“ од авторката Оља Петрушевска – Томева, кој мајсторски ја доловува токму оваа атмосфера и внатрешна борба. Ова дело е одличен доказ дека приказната за Рајна има длабоки слоеви кои можат да инспирираат врвна уметност и да послужат како цврст темел за нејзиното понатамошно оживување.
И сега, прашањето што боли: Зошто Рајна Алексова денес е само прашлива фуснота во енциклопедиите и хинт постови на социјалните медуми?
Светот знае како да ги подигне своите научни и професионални пионери на ниво на култ и глобален бренд. Од нивните имиња се создаваат институции, се предаваат лекции за истрајност и се гради идентитет. А ние? Ние купуваме туѓи приказни спакувани во убав бренд, додека нашите икони од науката спијат под заборавот.
Како професионалец кој секојдневно работи со интерпретација на наследството, storytelling и дизајнирање на искуства, одговорно тврдам дека проблемот не е во тоа што немаме силна историја, туку што сè уште ја чуваме заклучена во прашливи витрини. Наследството не е збирка од суви факти; тоа е живо ткиво кое мора да комуницира со современиот човек. Рајна Алексова не заслужува само една улица или спомен-плоча, таа бара стручно дизајнирано искуство и целосна методологија на оживеана историја (live interpretation).
Замислете да влезете во простор кој мириса на сушени билки и ментол, кадешто Рајна ве пречекува во автентичен костим и ви го препишува „лекот против заборав“. Замислете ексклузивна, врвна линија на чаеви или козметика со нејзиниот потпис, спој на швајцарска чистина и македонско поднебје. Бренд со интегритет, кој секој Македонец ќе го носи со гордост надвор од границите, а секој турист ќе сака да го понесе со себе. Тоа е комерцијализација која не ја разводнува историјата, туку преку концепт базиран на вредости ѝ дава нов, одржлив живот.
Наместо да купуваме туѓи спакувани приказни, време е да сфатиме дека го имаме најдобриот материјал во раце. Рајна Алексова не е мит од учебниците, таа е доказ дека на овие простори отсекогаш имало капацитет за светска извонредност, спакуван со врвен стил и карактер.
Ова е привилегија што би сакала да има секој држава, но ете на нам ни се паднала оваа приказна да ја менаџираме.
Нејзината аптека можеби одамна не работи, ама рецептот за пркос и авторитет е сè уште тука. Прашањето е дали имаме слух да го прочитаме и храброст конечно да направиме бренд од него.
Автор
м-р Василка Димитровска
Креативен директор на Kreaktiva – The Storytelling & Experience Design Studio
Сертифициран тренер за интерпретација на наследството
Сертифициран тренер за оживеана историја
П.С. Доколу ве интересира методологијата на интерпретација, storytelling и оживување на наследството, контактирајте нѐ.